Демократијата не е спортски натпревар за навивање

charles-garrett2

Чaрлс Гарет, британски амбасадор во Република Македонија

Денес, 15 септември е Меѓународниот ден на демократијата кој секоја година го одбележуваат ООН и нејзините членки. Зошто би славеле систем на управување? По што е толку посебна демократијата?

Одговорот е лесен. Демократијата е единствениот систем на управување што го става обичниот човек во фокус. Таа им овозможува на луѓето да го кажат својот став за одлуките кои ги носат оние што ја водат земјата. Многу битно е дека демократијата е единствен систем каде што ниту еден политичар или партија не се посилни од колективната волја на народот. Буквално таа означува „владеење на народот.“

Демократијата не е полесниот начин. Таа се заснова на изборот на владите да не ја употребат својата моќ за да останат на власт. Зависи од политичари и фунцкионери кои ќе прифаќаат дека немаат право да владеат – туку дека ним привремено моќта им ја дава народот. Зависи од владеењето на правото. Од слободата на информирање и на говорот.

Информацијата е крвотокот на силната демократија. Доколку прифатите дека политичарите работат за луѓето, тогаш мора да прифатите дека јавноста има право да знае што работи нивната влада. Тајноста е како рѓа за демократијата. Прифатлива е кога ја има малку, ама ако се рашири ќе ја ослаби конструкцијата.

Медиумите се примарен извор на политички информации за јавноста – така што мора да им биде дозволено да ја играат својата улога без политичко мешање. Шкотскиот синдикалец Џими Реид точно кажа кога рече дека „задачата на медиумите во демократијата не е да им го олесни патот на оние кои се на власт, туку да им го отежнува патот преку постојана проверка за тоа како ја практикуваат моќта и само така ја одржуваат довербата од народот.“

Така што владите би требало да чуваат тајни само кога можат да покажат дека е во интерес на јавноста тоа да го направат. А не за да избегнат посрамотување или критика. Не бидејќи дека тоа е полесниот начин. Најотворените влади јасно кажуваат што избрале да зачуваат тајно и од која причина, верувајќи дека јавноста ќе го разбере и прифати овој избор. Медиумите и граѓанскиот сектор имаат задача постојано да ја преиспитуваат и предизвикуваат таа тајност за владата да остане искрена – затоа што искушението да се прогласи нешто за „државна тајна“ е многу силно.

Кога ќе се разбере ова, тогаш станува јасно зошто недемократските влади низ светот секогаш го гледаат отворениот испитувачки настроен граѓански сектор и медиумите како непријател. И зошто се обидуваат да создадат клиентелистички граѓански сектор и медиуми, преку користење на моќта на државата да притиска, застрашува и да се заканува.

Од друга страна, силните демократии создаваат простор за да ги вклучат граѓанскиот сектор и медиумите во прашањата кои се важни за луѓето. Ги вреднуваат новите идеи и предизвици. Отворени се за информации така што секој има она што им е потребно за да влијаат и да учествуваат во владеењето. Што и не е толку лесно за владите. Но, придобивките се големи. Однос заснован на отвореност и доверба помеѓу владата и луѓето секогаш ќе биде поблизок. И политики засновани на отворена и транспарентена врска секогаш ќе бидат посилни.

Овие прашања беа во фокусот на дебатата во Македонија во последниот период преку политичката криза, протестите, протокот на информации, обидот за помилување, и политичките договори кои го поплочија патот за избори во декември.

Изборите треба да бидат почетокот на крајот на политичката криза. Ова ќе се постигне само доколку изборите се транспарентни, инклузивни и ослободени од политички манипулации. А тоа започнува со динамична кампања која на гласачите им ги дава сите информации кои им се потребни за нивниот избор да се заснова на спектaр информации за тоа кој сакаат да ја води државата во име на граѓаните.

Преку нашето партнерство повеќе од две децении Британија ѝ дава поддршка на Македонија преку нашата работа со Парламентот, владата, правниот систем, граѓанскиот сектор и медиумите. Имаме поддржано широк спектар на демократски иницијативи, вклучително и невладини организации кои го зголемуваат учеството на граѓаните, промовирање на интеграцијата на маргинализираните групи, обезбедувавме обука за правни професионалци, поддршка на слободата на изразување и зајакнување на политичките партии и парламентот.

Ќе продолжиме со нашата работа затоа што демократиите најдборо си помагаат едни со други. Ниту една земја нема совршена демократија и би можел да образложам зошто нема нешто како „совршеност.“ Демократиите се како градини – потребно им е постојано одржување. А народот во една земја најдобро може да ѝ го даде вниманието кое ѝ е потребно на нивната демократија.

Се надевам дека ќе се вклучите во денешната кампања #ДемократијаЕ (#DemocracyIs). Кажете што мислите дека демократијата значи за вас. Писателот Џејмс Бовард го одговори ова прашање кога кажа; „Демократијата мора да е нешто повеќе отколку два волка и овца кои гласаат што ќе вечераат.“ Мојот одговор е дека #ДемократијаЕ кога луѓето имаат моќ да ја кројат својата иднина.

Тоа е нешто што треба да се прославува, не само еден ден во годината, или за време не изборен циклус – туку секој ден. Најдоброто одбележување на демократијата е да се учествува. Демократијата не е спортски натпревар за навивање.

Би те интересирало и

Оштетени лица ќе сведочат против гинекологот, ФЗОМ и ОЈО не реагираат

Фондот за здравство нема сознанија за злоупотреби на ваучерите за Ин витро од страна на ...

Признај дело, оди во затвор!

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа Неделата ми започнува со различни ...